Лукашенко: Белорусија почна да добива тактичко нуклеарно оружје од Русија

Белорусија почна да добива тактичко нуклеарно оружје од Русија, изјави нејзиниот лидер.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави за руската државна телевизија дека неговата земја набавува оружје, за кое рече дека е трипати помоќно од атомските бомби фрлени од САД на Хирошима и Нагасаки во 1945 година.

Имаме проектили и бомби кои ги добивме од Русија“, рече тој во интервјуто, пренесува Sky news.

Рускиот лидер Владимир Путин истакна дека Москва ќе ја задржи контролата врз нивната употреба, но Лукашенко рече дека нема да се двоуми да ги користи доколку Белорусија се соочи со агресија.

Распоредувањето е прв ваков потег на Москва надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз.

Ова распоредување на тактичко нуклеарно оружје внимателно го следат САД и нивните сојузници, како и Кина, која постојано предупредуваше да не се користи нуклеарно оружје во војната во Украина.

Лукашенко, исто така, во вторникот конкретно рече дека нуклеарното оружје ќе биде физички распоредено на територијата на Белорусија „за неколку дена“ и дека има капацитет да смести ракети со поголем дострел, доколку некогаш е потребно.