Кабинетот на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел подготвил предлог за пакет мерки насочени против владата на Косово и премиерот Албин Курти, поради недостатокот на политичка волја да ги преземат неопходните мерки за деескалација на ситуацијата северот на Косово, дознава регионалниот сервис на Радио Слободна Европа од дипломатски извори.
Меѓу предложените мерки на кабинетот на Борел, како што пишува сервисот, е суспендирањето на испраќањето покани за настани на високо ниво и билатерални посети на Косово, освен оние чија цел е решавање на кризата за северот на земјата.
Исто така, се предлага да се намали присуството на јавни настани поврзани со финансиската соработка на ЕУ, кои вклучуваат членови на косовската влада.
Прекин на значителната финансиска помош на ЕУ кон Косово, е уште една од мерките што се опфатени со предлогот, почнувајќи од суспендирање на одобрувањето и спроведувањето на предлозите поднесени од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и суспензијата на дел од проектите меѓу ЕУ и Косово во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано вчера потврди дека кабинетот на шефот на европската дипломатија споделил со земјите-членки на ЕУ „нацрт мерки што треба да се преземат доколку премиерот Курти не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите“.
Дипломатски извори од повеќе земји членки на ЕУ за РСЕ потврдиле дека членките на Унијата не се обврзани да ги спроведат предложените мерки, но, дека од нив се очекува да ги почитуваат.
Некои од дипломатските извори посочиле дека поединечни држави на ЕУ „веќе презеле свои мерки“ кои се слични на оние во пакетот предлози изготвен од кабинетот на Борел.
Европската Унија на 3 јуни побара од косовските власти да дејствуваат на неескалирачки начин и веднаш да ги прекинат полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово. Исто така, беше побарано новоизбраните градоначалници на четири општини на северот привремено да ги извршуваат своите должности во други простории, надвор од општинските згради, како и што поскоро распишување на нови локални избори.
Нацртот на предлогот на Борел ја нагласува подготвеноста да продолжи ангажманот во оној момент кога владата на Косово ќе ги преземе неопходните чекорите што се очекуваат од неа во рамките на бриселскиот дијалог и во согласност со барањата наведени во соопштението од 3 јуни.
ЕУ предупреди и дека е подготвена да преземе мерки против оние политичари кои одбиваат да преземат мерки за смирување на ситуацијата.
Европските и американските пратеници, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, овие барања му ги пренеле на шефот на косовската влада при минатонеделната посета на Приштина.
Сепак, како што јави Радио Слободна Европа, од Курти не добиле гаранции дека ќе бидат исполнети сите барања.