Манчестер Сити и Интер ќе се сретнат вечерва во Истанбул во финалето на Лигата на шампионите во борба за титулата европски првак.
Во претходните две сезони Сити беше на дофат на единствената титула што му недостига, а сите во клубот се надеваат на трета среќа и историска „тројка“ бидејќи веќе ја освоија Премиерлигата и ФА Купот.
– Наша желба, сон на сите нас е да ја освоиме Лигата на шампионите. За да можеш да го оствариш сонот, треба да имаш опсесија со него – изјави менаџерот Пеп Гвардиола на прес-конференција во Истанбул.
Ова е второ финале на Манчестер Сити во историјата на Лигата на шампионите, по 2021 година и поразот од Челзи.
– Знаеме колку е важно ова натпреварување, се обидовме да тренираме најдобро што можеме, тимот ќе треба да ги одигра цели 90 минути. Ако ја погледнеме историјата на натпреварувањето, Интер е поголем од нас бидејќи има три титули, но тоа сега не е важно. Сега е време за финалето во Истанбул – додаде Гвардиола.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги изјави дека е прекрасно чувството што тимот стигнал до финалето во Истанбул.
– Не сакаме да застанеме тука, сакаме да го одиграме ова финале на најдобар можен начин – изјави Инзаги.
Инзаги е свесен дека неговиот ривал е фаворит на хартија.
– Кој е фаворит? Па, тие се најсилниот тим на светот, но ние сме 11 и 11 на теренот. Имавме фантастично патување до финалето и тука сме да играме за пехарот. Ќе биде потребно многу срце, храброст и мирна глава за да се остане во игра – заклучи Инзаги.
Финалето меѓу Сити и Интер се игра во 21 часот на стадионот „Ататурк“.