Универзитетскиот професор по уставно право, Александар Спасеновски, во вечерашното гостување на телевизија Телма, за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за одложено стапување на уставните измени се до членство на државата во Европската Унија, вели дека од внатрешно правен аспект тоа е можно потенцирајќи дека Македонија има пракса со одложени уставни измени.
„Во однос на одложеното стапување на уставните измени тука треба да правиме разлика помеѓу техничка внатрешна можност и реална политичка изводливост на идејата за одложено стапување на уставните измени. Доколку анализираме од внатрешно правен аспект дали е можно, одговорот е да и тоа ќе се предвиди во уставниот закон за спроведување на Уставот кој би се условил веднаш по одлуката за прогласување на уставот. Тоа веќе еднаш го имаме направено по последните уставни измени од 2019 година, кога во уставниот закон за спроведување на Уставот во неговиот член 1 беше предвидено дека овие уставни измени ќе стапат на сила во моментот кога ќе престане важењето на времената спогодба, и кога ќе стапи во сила Протоколот за членство на државата во НАТО, објасни Спасеновски.