Кулеба: Украина има доволно оружје за да започне контраофанзива против Русија

Украина има доволно оружје за контраофанзива против Русија, што на таа земја ќе и донесе победа која и е потребна за да се приклучи на НАТО, изјави денеска министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Тој оцени дека членството во НАТО „веројатно ќе биде возможно за Украина дури по завршувањето на активните непријателства“.

Ројтерс пренесува дека Кулеба не одговорил на прашањето дали долгонајавуваната пролетна контраофанзива на Украина започнала.

Претходно денеска заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар изјави дека украинските сили започнале „офанзивни акции“ во одредени области на таа земја.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека спречило голем украински напад врз Доњецк, додека командантот на украинските копнени сили Олександар Сирски изјави дека војниците „се движат напред“ кон Бахмут и уништиле руска позиција во близина на градот.

Според Би-Би-Си, од Киев било соопштено дека нема да предупреди за почеток на контраофанзива, додека аналитичарите сметаат дека најновите извештаи за случувањата на фронтот може да бидат сигнал дека контраофанзивата можеби започнала.