Попладнево околу 18 часот регионот на Прилеп бил зафатен од поројни врнежи од дожд. Поголемиот дел улици низ градот се поплавени и тешко проодни за сообраќај.
На социјалните мрежи се шират податоци дека се поплавени куќи и други објекти и локали, како и дека имало и пожар во објект за автоделови.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Раководителот на РЦУК Прилеп побарал од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа.
Во Охридско поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
АМСМ соопшти дека од 19:15 часот на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, кај селото Љубаништа, поради одрон на патот, сообраќајот е во целосен прекин.