Турскиот претседател Ердоган го претстави новиот кабинет

Откако претседателот Ердоган положи заклетва за третиот мандат на турскиот претседател, во Анкара го претстави и новиот состав на турскиот кабинет.

Реџеп Таип Ердоган, откако денеска свечено положи заклетва за третиот мандат на претседателот на Турција, назначи нов кабинет во кој има 17 министри.

Во обраќањето на прес-конференцијата во Претседателската палата во Анкара, Ердоган посочи дека Турција денеска е посилна од вчера.

„Турција денес е посилна од вчера, како и нашата демократија. Заедно ќе продолжиме да и служиме на Турција“, рече Ердоган. Тој им се заблагодари на сите министри кои беа во претходниот кабинет, а потоа ги соопшти имињата на министрите кои ќе го сочинуваат новиот кабинет.

Џевдет Јилмаз беше назначен за потпретседател на Турција. За министер за внатрешни работи на Турција е именуван Али Јерликаја, а за нов министер за надворешни работи на Турција Хакан Фидан.

Министер за правда ќе биде Јилмаз Тунч, министер за семејство и социјална политика Махинур Оздемир Гокташ, а за труд Ведат Исихан.

Мехмет Шимшек е нов министер за трезор и финансии на Турција, министер за одбрана е Јасар Ѓулер, а за образование Јусуф Текин.

Во новиот состав на турскиот кабинет, на функција остануваат министерот за здравство Фахретин Коџа и министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој.

Министер за животна средина, урбанизација и климатски промени е Мехмет Ожасеки, а нов министер за енергетика и природни ресурси е Алпарслан Бајрактар. Во новиот состав е и министерот за млади и спорт Осман Аскин Бак.

Министер за индустрија и технологија е Мехмет Фатих Качир, додека министер за земјоделство и шумарство е Ибрахим Јумакли. За министер за трговија е именуван Омер Болат, а за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.

Ердоган денеска положи заклетва за трет мандат како претседател на Турција, а втор по транзицијата на земјата кон претседателски систем на управување.

Тој потоа го посети мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, по што зборуваше на церемонија во Претседателската палата.

Ердоган за прв пат беше избран на функцијата претседател на изборите во 2014 година, а воедно е и првиот директно избран претседател на таа земја.

Во вториот круг од претседателските избори тој победи со 52,18 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу 47,82 отсто, покажуваат конечните резултати што ги објави Врховната изборна комисија на Турција.