„Македонија е факт, нема ниту една причина да биде во застој. Мора да има такво законодавство што и тие што се во малцинство, да можат да ги остварат своите права. Тоа мислам дека во Македонија е добро решено“ вели поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ во интервју за Трилинг.
На прашање за условувањето на официјална Софија и блокадата на европскиот пат на Македонија, Месиќ вели „секогаш ова зависи кој ја има власта во Бугарија. Како што Бугарија влезе во ЕУ, така и Македонија треба да влезе во ЕУ. Има и такви кои калкулираат на сличност на јазикот, на историјата, очигледно сите не се свесни дека Европа мора да биде обединета. Постојат во животот причини за одредени компромиси, но во нив не може само едната страна да е задоволна. Мора двете страни да се задоволни, дури тогаш може да речеме дека компромисот се исплатува“.
На прашање како Хрватска се справи со корупцијата и криминалот, Месиќ вели „Хрватска успеа некои од процесите да ги запре, но некои од нив не успеаја да добијат судска разрешница“.
За тоа колку влезот во ЕУ ја врати довербата на хрватските граѓани, тој смета дека „правосудството е голем фактор каков ќе биде животот во една земја. Ако правосудството делува на време, тогаш граѓаните веруваат во тој систем. Ако предолго траат процесите, се губи интересот за правосудните одлуки. Ако со годините се развлекуваат предмети за кои граѓаните сакаат да бидат решени што попрво, луѓето го губат трпението и се губи довербата на правосудството“.
„Митото и корупцијата се поврзани и со меѓународниот фактор, тоа не е нешто што се родило на овој терен, меѓународните институции мора да помогнат правосудството на овие наши простори полесно да се носи со незаконските факти кои ги прават оние кои сакаат да ги искористат државните пари за лична корист“ вели Месиќ.
На прашање дали земјите од регионот се преоптоварени со историја, вели „мора да соработуваме, земјите од екс ЈУ треба да соработуваме, мора да се свртиме кон иднината. Историските работи не можеме да ги решиме“.
„Судирите кои сега се во Украини не можат да се пренесат на нашиот простор. ЕУ мора да биде поприсутна и да ги олади оние кои мислат дека на нашиот простор можат да се менуваат границите. Ако Европа би имале вистински лидери, тоа се оние лидери кои го смислиле европското обединување би било поинаку. Сега во Брисел седат чиновници, бирократи, кои, според нив, спроведуваат европска политика, но таа би требало да е малку повеќе нагласена. Европа не смее да биде ничиј сателит“ вели Месиќ.