Трошановски: Ако целиме на есен да стигнеме со уставните измени, не треба да губиме време, макар и да не успеат!

„Лидерските средби не се преферирани од нашите граѓани, системот треба да има механизми каде ќе се дискутираат важни стратешки прашања, каде избраниците на народот ќе дојдат до консензус. Сега ситуацијата е на некој начин пред свршен чин. Опозицијата долго време беше игнорирана, консултацијата со граѓанскиот сектор изостана. Ваквата лидерска средба е гасење пожар, па изгледите да вроди со плод се мали. Добро е за државата да покажеме дека можеме да разговараме без препукување и агресија еден кон друг“ вели Марко Трошановски – претседател на Институтот за демократија во најновото издание на Трилинг.

За уставните измени кои влегуваат во Собрание без консензус тој смета дека „е добра идеја да има иницијатива во Собранието. Тоа што не треба да се случи е ова да биде замка да се искористи како тактика да се зголеми притисокот врз опозицијата, блоковски да се доподелиме, ако задната намера е да се постигне поларизација, тоа е контрапродуктивно. Ако идејата е да разговараме, мислам дека е вистинскиот начин. Ако целиме на есен да стигнеме со уставните измени, не треба да губиме време, макар и да не успеат, барем сме се обиделе, не сме го потрошиле времето“.

„Подобро да се случи да се внесат Бугарите сега во Уставот, но и да не се случи сега, ќе се случи подоцна. Дека Македонија ќе биде ставена во друг блок земји, мислам дека е дел од општиот притисок. За нас е што побрзо, подобро, нема да губиме време“ вели Трошановски.

На прашање на што се должи отпорот за внес на Бугарите во Уставот, тој вели „само по себе тоа внесување не значи ништо. Отпорот е пред се за можностите што ги носи преговарачката рамка, го вградува и протоколот кој ни станува обврска, а во кој има притисоци, обврски за промена на образовни материјали, за историски реваншизам, за извинувања некакви. Она што луѓето ги прави да имаат отпор е симболиката, дека тие се тројански коњ за протуркување на негациските политики кон нашата земја, тактика на бугарската страна која не се заснова на добра волја“.

Поделбата на про и анти ЕУ реторика, според него „не води никаде. Таа реторика им користи на партиите за политички поени. Долгорочно, тоа ја уништи социјалната кохезија, сврзното ткиво на едно општество. Поларизацијата апсолутно не не води никаде, затоа и рејтингот на партиите е многу мал. Имаме ниско ниво на медиумска писменост, луѓе лесно подложни на дезинформации и манипулации“.

За перцепцијата на функционалноста на Собранието, има пад на рејтингот.

„За Собранието, и падот на довербата во него тоа е рефлексија на тоа што се случува таму изминативе години. Огромен број на закони чекаат. Собранието е препознаено како главна институција која што треба да ги движи демократските процеси, но перформансот на најголем дел од пратениците е спротивен на тоа“ вели тој.

За критиките на работата на републичкиот Судски совет, Трошановски со став „побаравме оставка од членовите на Судскиот совет, познато е фијаското, мотивите се познати, нешто што се нарекува морална одговорност изостанува кај голем дел од нашите функционери. Сите индикатори покажуваат дека судството не функционира, одговорност мора да постои. Прочистување на судството мора да се случи час поскоро“.