Синдикатите и Владата не се договорија за зголемување на минималната плата, разговорите продолжуваат в петок
На седница на Економско-социјалниот совет денеска се разгледуваше барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари, но по неколкучасовна расправа Владата, синдикатите и работодавачите не постигнаа договор. Консензус, посочија, има единствено дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа.
„Имавме навистина конструктивен дијалог како можеби никогаш невиден на нашите простори. Имаме консензус дека минималната плата ќе се зголеми. Дијалогот ќе продолжи во петок, после 16 часот. И ги уверувам сите граѓани коишто се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме, дека единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници е креирање систем што е долгорочен, што нема да ги остави на волјата на една Влада, кога таа ќе сака или ќе има слух или на различните страни како што се синдикатите или организациите на работодавачи“ – рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
За тоа зошто денеска не е постигнат договор и зошто се остави одлука да биде донесена во петок, вицепремиерот истакна оти станува збор за трипартитен дијалог помеѓу синдикати, организации на работодавачи и Влада и оти во секој дијалог ако се сака да се дојде до решение мора да се почне од некаде и да се стигне до одредено решение.
За претседателот на ССМ – Дарко Димовски, предлогот што го дале работодавачите на крајот од денешната седница е само обид да купат време.
„Се преговараше три саати и кога преовладаа аргументите на страната на ССМ и на останатите синдикати работодавачите во 5 до 12 излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна ја убедивме Владата како социјален партнер дека минимална плата навистина треба да биде 60 проценти од просечната плата, но, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) само сака да купи време до петок со измислено предлог решение“ – вели Димовски.
Тој е дециден дека доколку не се дојде до решение, останува штрајкот како следен чекор на синдикатите.
„Штрајкувачките одбори остануваат ние во петок имаме закажано органи и тела на Сојузот. Ќе дојдеме и во 16 часот во петок и ќе им соопштиме дека доколку не се одобри ова што го бараме ние стапуваме во генерален штрајк“ – вели Димовски.