Францускиот филм „Анатомија на падот“ ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал

Филмот на францускиот режисер Жастин Триет ја освои Златната палма за најдобар филм на 76. Меѓународен филмски фестивал во Кан.

Филмот „Anatomy d’une chute“ (Анатомија на падот) ја освои главната награда, додека оваа година во трката имаше 21 филм.

Жастин Триет (44) стана третиот наградуван режисер во историјата на Канскиот фестивал. Пред неа тоа беше Џејн Кемпион за филмот „Лекција по пијано“ (1993) и Жилија Дикурно во 2021 година за филмот „Титан“.

Гран-при на жирито го освои Џонатан Глејзер за филмот „Зона на интерес“ за секојдневниот живот на нацистичкиот командант од Аушвиц. На овој начин жирито испрати порака за застрашувачката баналност на злото, наведува агенцијата Франс прес.

Фестивалот заврши синоќа со доделувањето на наградите во Кан, при што на црвениот тепих прошетаа бројни ѕвезди, меѓу кои Харисон Форд и Џони Деп.

Претседател на жирито беше шведскиот режисер Рубен Остлунд, минатогодишен добитник на Златна палма за филмот „Без филтер“.

Годинава заштитно лице на фестивалот беше француската актерка Катрин Денев со нејзиниот огромен портрет на влезот од палатата. Црно-белата фотографија е од 1968 година од продукцијата на „La chamade“ во режија на Ален Кавалиер.

Меѓу ѕвездите кои се натпреваруваа за Златната палма, веќе имаше и наградувани личности како Британецот Кен Лоуч (86), двоен победник (2006 и 2016 година), Германецот Вим Вендерс, кој ја доби наградата во 1984 година за „Париз Тексас“, и Италијанецот Нани Морети.

Филмот кој годинава привлече внимание е „Жан де Бери“ на францускиот режисер Мајвен. Нејзиниот филм е приказна за миленикот на кралот Луј XV, кој го игра Деп, ѕвездата на филмовите „Пиратите од Карибите“ и кој е персона нон грата на американската телевизија поради обвинувањата за семејно насилство.