Ковачевски: Опозицијата шири лаги и небулози

Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кој „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.

-Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата, истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи.

Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде.

Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.

Премиерот потсети дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените согласно преговарачката рамка.

Владата ќе биде подносител, а се работи за промена на Преамбулата и внесување други делови од народи во неа, каде веќе има и други делови од народи.

Тоа е обврска која е императив и основна работа на Работната група, а потоа и на собраниските тела, дополни Ковачевски. Тој рече и дека се уште не ја слушнал изјавата на бугарскиот спикер.

-Не сум ја видел изјавата на претседателот на Собранието на Бугарија, но промената на Преамбулата и внесувањето на деловите од бугарскиот народ, 3 500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари, е дел од преговарачката рамка во која обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која ги почнавме преговорите.

Ова е една од обврските која нашето собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со отворањето на поглавјата и кластерите, а земјава до 2030 година ќе стане дел од ЕУ.

Тоа е целта што ќе ја оствариме сите заедно, подвлече Ковачевски.