Бугаринот Саша Везенков – МВП на сезоната 2022/23 во кошаркарската Евролига
Кошаркарот на грчки Олимпијакос, Бугаринот Саша Везенков е прогласен за најкорисен играч (МВП) на Евролигата за сезоната 2022/23.
На 38 натпревари во сезоната, Везенков имаше просек од 17,2 поени и 6,8 скока, шутирајќи 53,7% од поле и 38,5% зад линијата за три поени.
Индивидуалниот рејтинг на Везенков е 21,2, со што стана вториот играч по Лука Дончиќ (21,0 во сезоната 2017/18) со рејтинг над 21 (минимум 30 настапи).
Двапати во текот на сезоната, Везенков беше МВП на месецот, во ноември и февруари.
Тој исто така стана вториот играч во историјата кој е и МВП и добитник на наградата „Алфонсо Форд“. Претходно ова му успеа само на Нандо Де Коло (сезона 2015/16).
„Фајнл-форот“ во Евролигата започнува утре. Олимпијакос ќе се соочи со Монако, а Барселона игра со Реал Мадрид.
Правата на Везенков во НБА му припаѓаат на Сакраменто. Претходно беше објавено дека страните се блиску до склучување договор.