Таравари: Сега е моментот албанскиот јазик да биде впишан како официјален во македонскиот Устав

Арбен Таравари – градоначалникот на општина Гостивар и претседател на партијата Алијанса за Албанците во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон вели дека албанскиот јазик не треба да стои како проценти туку како еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Таравари вели приоритет на министрите од неговата партија во ресорите кои тие ги водат е да се намали корупцијата и да се зголеми довербата на граѓаните во правниот систем.

Откако Алијанса на Албанците побара со уставните измени, да се внесе и албанскиот јазик како официјален јазик на државата, на прашање какви се шансите предлогот да помине во Собранието, Таравари вели:

„Де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од било која држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка и СДСМ и ВМРО и декларативно. Меѓутоа и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така да се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која што нема друга алтернатива за нашата држава во која што живееме“.