Локалните лидери кои на прво место ги ставаат граѓаните и се посветени на сите заедници во општеството секогаш ќе ја добиваат поддршката од ОБСЕ за спроведување значајни проекти, истакна претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија Бујар Османи на средбата со градоначалникот на општината Јабланица во Босна и Херцеговина, Дамир Шабановиќ.
„Проектите кои ја зајакнуваат довербата и кохезијата помеѓу заедниците и создаваат средина подготвена за вистинско помирување, каков што е проектот ‘Можеме подобро’ поддржан од ОБСЕ, се доказ дека овој регион може да создаде успешни приказни“изјави Османи во Јабланица.
Османи на средбата со Шабановиќ, како што информираат од Министерството за надворешни работи (МНР), истакнал дека е важно локалната власт да соработува со граѓанскиот сектор и да поттикнува поголема позитивна интеракција помеѓу заедниците, а поделбите и национализмот да бидат минато.
„Планираното реновирање на касарната која треба да прерасне во центар во кој ќе можат да работат граѓанските организации и активисти е уште еден пример во која насока треба да се развиваат општините за да стимулираат поголема социјална кохезија, но и зајакнување на младинските граѓански организации и пред сè на жените“,рече Османи.
Од Јабланица, од МНР велат дека Османи посетата на БиХ ја продолжил во Мостар, каде што имал средба со градоначалникот Марио Кодриќ и претседателот на Советот, Салем Мариќ.
„Поттикнување на соживот и толеранција помеѓу сите политички, верски и социјални лидери во Мостар, како и прифаќање на различниот етнички и религиозен состав на заедницата ќе му овозможи на градот да се развива, пред сè економски, и да го искористи својот огромен потенцијал за туризам, особено имајќи предвид дека олицетворение на Мостар е настанот ‘Отворен Град Фест’ кој успева да собере и по 20 000 посетители“,рече Османи.
Во Мостар, Османи се сретнал и со претставници на граѓански организации кои работат на борба против трговијата со луѓе, родовото насилство, корупцијата, како и на заштита на ранливите групи и на животната средина.
За време на посета на Мостар, Османи му оддаде почит на поранешниот претседател Борис Трајковски и положи цвеќе на спомен-обележјето во негова чест на местото на авионската несреќата во Ротимље, каде што во 2004 година загинаа Трајковски и осум членови на делегацијата и екипажот, соопштија од МНР.