
Четириесет и девет ученици денеска пријавиле болести, а најмалку осум се пренесени во болница, откако било пријавено истекување на гас во основно училиште во префектурата Осака, соопштија локалните власти.
Полицијата соопшти дека утринава околу 10 часот по локално време добила дојава од противпожарната служба дека во основното училиште Камеи во градот Јао бил откриен мирис на гас, пренесува агенцијата Кјодо.
Полицијата потврди дека локалните власти го истражуваат потеклото на мирисот.
Околу училиштето биле забележани неколку возила на брза помош и противпожарни возила, јавува Танјуг.