Трилинг: Проф. Трајковски разговорот со Вас ќе го почнам со Ваше предвидување дадено пред речиси еден месец. „Врвот на петтиот бран од пандемијата се очекува за три седмици”. Дали четвороцифрените бројки на новозаразени упатува дека моменталната епидемиолошка состојба упатува на тоа дека сме во пикот на петтиот бран?
Трајковски: Прелиминарното предвидување од почетокот на месецот, за настапување на врвот на бранот кон крајот на јануари, според најновите вредности на индикаторите на епидемијата се покажа точно. Имено, веќе неколку дена ефективниот репродукциски број Rt, којшто претставува мерило на преносливоста на вирусот, е маргинално над единица, а во наредните денови се очекува да се намали и под единица.
Тоа значи дека дневните броеви на новодијагностицирани на ниво на држава речиси не растат, иако во разни региони состојбата е различна. На пример, во југозападна Македонија максимумот на бранот е достигнат уште на средината од месецот. Скопје моментално се наоѓа на врвот од бранот, додека избувнувањето е во тек и дневните броеви растат во Тетово, Гостивар, Кавадарци, Неготино и Гевгелија. Со текот на времето, во наредните десетина дена би требало да видиме намалување на дневните броеви на нови случаи во сите региони, како и на државно ниво.
Исто така, стапката на позитивни тестови покажува знаци на максимирање, а дневниот број на тестирања, којшто претставува мерило на изложеноста на населението на вирусот, веќе извесно време се намалува. Според сите овие показатели заклучуваме дека овие четирицифрени броеви на нови случаи ги достигнуваат врвните вредности. Моментално се наоѓаме на точката на најголема болка, од каде што патот води само надолу.
Трилинг: Одредени научни истражувања тврдат дека со новиот сој на коронавирусот Омикрон е за 5.4 пати поголем ризикот од реинфекција отколку од „делта“ сојот?
Трајковски: До истиот заклучок доаѓаме и во Македонија. Имено, од Нова година инциденцата на заразување (број на случаи на 100.000 лица) кај прележаните започна да расте и да се приближува кон инциденцата кај непрележаните (сината и црвената линија на дијаграмот на сл. 4). Со други зборови, ефективноста на прележувањето во спречувањето на заразувањето реско се намали, речиси до нула (зелената линија), што значи дека прележаните сега се практично подеднакво чувствителни на заразување, односно реинфекција.
До сличен заклучок доаѓаме и со анализа на инциденците на заразување кај невакцинираните и вакцинираните. Ефективноста на вакцините против заразување исто така нагло се намали речиси до нула после Нова година, односно со пристигнувањето и ширењето на омикрон сојот во државата (портокаловата линија на сл. 5). Тоа значи дека ни постоечките вакцини повеќе не се ефикасни во спречување на инфекциите.
Но, најважно е што ефективноста на вакцините против смртен исход речиси воопшто не се намалила со доаѓањето на омикрон сојот (виолетовата линија на дијаграмот на сл. 5). За жал, Министерството за здравство нередовно објавува податоци, па овој дијаграм не е ажуриран веќе 3 недели.
Претходно кажаното води кон заклучок дека досегашната заштита од прележувањето и вакцинирањето не е доволна во спречувањето на заразувањето со омикрон сојот, иако за среќа тоа не не враќа на нов почеток на епидемијата, туку само на допрележување.
Трилинг: Зошто неконтролирано се шири заразата? Дали е до нас како (не)одговорни граѓани, погрешни ковид мерки? Како до превенција и ублажување од Ковид-19?
Трајковски: Доволно е да видиме дека во земјите од Далечниот Исток речиси нема случаи на заразување и умирање од ковид-19, па да сфатиме дека со несериозниот и погрешен пристап кон епидемијата самите сме виновн за сегашната состојба. Од една страна имаме целосно либерализирани политики на нашите здравствени власти и отсуство на било какви рестриктивни мерки, а од друга страна населението, охрабрено од страна на здравствените власти, не презема практично никакви превентивни мерки. Се оди на стратегија на постигнување колективен имунитет преку неконтролирано заразување, без оглед на жртвите.
Епидемијата на ковид може да се сопре само со нула-ковид стратегија, по примерот на земјите од Источна Азија, односно со сопирање на вирусот на самиот извор. Тоа се постигнува со строга контрола на границите, 14-21 дневен карантин за сите патници коишто влегуваат во државата, а доколку се појави макар еден случај, неопходно е цел град да се стави во 5-7 дневна изолација и да се изврши тестирање на целокупното население на тоа подрачје. Иако изгледа строго и скапо, сепак не е така, затоа што Кина на тој начин успеа не само да го задржи, туку и да го зголеми својот БДП (омилениот изговор на нашите здравствени власти за непреземањето мерки). За спасените човечки животи, коишто немаат цена, не мора ништо да се објаснува.
Трилинг: Како ја оценувате одлуката од 1. февруари наставата да се одвива со физичко присуство?
Трајковски: Со одложувањето на почетокот на второто полугодие за 10 дена, здравствените власти сепак дадоа мал придонес кон зауздувањето на бранот, особено во зоната на врвот. Од 1. февруари броевите на нови случаи ќе започнат да се намалуваат, а исто така голем дел од децата веќе прележале. Се разбира дека ни ова пролонгирање не е доволно, но се работи за едно компромисно, односно изнудено решение, со цел да се намали штетата што би ја претрпел наставиот процес.
Кај нас штетите се одамна направени, па одложувањето за нови десетина дена не може да направи некаква голема разлика.
Трилинг: Кои се во моментов главни трансмитери на вирусот и кога реално може да се очекува крај на пандемијата или во најмала рака подобрување на епидемиолошката слика?
Трајковски: Попрецизни податоци имаат здравствените власти, поточно Институтот за јавно здравје – Скопје. Гледаме дека инциденцата на заразување е практично константна кај сите возрасни групи постари од 30 години, додека кај помладите таа се намалува со намалување на возраста. Можеби токму затоа здравствените власти се одлучиле за отворање на училиштата со полн капацитет толку рано.
Епидемиолошката слика, по надминувањето на врвот на бранот деновиве, постепено ќе се подобрува. Најпрво одвај забележливо, а потоа дневните броеви на нови случаи се побргу ќе се намалуваат. Бројот на активни случаи и дневниот број на смртни случаи минимално ќе растат уште неколку дена, а потоа и тие ќе запонат да се намалуваат. Кон крајот на март состојбата би требало да биде прилично подобрена.
На подолг рок не може да се каже ништо поопределено, затоа што е можно појавување на некаков нов сој, којшто би предизвикал нов бран. Меѓутоа, како што заклучивме и од случајот со омикрон сојот, со секој нареден сој и нареден бран пандемијата не старува од почеток, па со текот на времето таа би требало да премине во ендемија, со повремени сезонски избувнувања.
Трилинг: Коронавирусот направи огромен хаос во светот. Пандемијата на Ковид-19 го промени нашиот начин на живеење, но исто така ги посочува и маните на здравствените системи во одредени земји. Ве прашувам како професор на ПМФ дали ова ќе биде изгубена генерација која можеби не се снајде најдобро во on line наставата?
Трајковски: Нема замена за наставата со физичко присуство. На некои факултети, како на пример на нашиот, од октомври минатата година се вративме на редовна настава. Наставата на далечина беше само обид да се спасе, колку што се може, учебната година, но се плашам дека последиците од нарушениот образовен процес ќе се чувствуваат уште долго во иднина.
Но, од друга страна, можеби онлајн наставата ќе доведе и до револуција и поевтинување на образовниот процес во иднина, па можеби ќе видиме и нешто добро од сето ова.