Меџити за болницата во Штип: Ова навистина не личи на 21 век!

Министерот за здравство Фатмир Меџити по денешната обиколка на болницата во Штип, излезе згрозен од условите во кои работат неговите колеги и се лекуваат пациенти. Вели дека од првиот ден како министер е запознаен со состојбите во оваа болница, најави промени на подобро но рече дека нема волшебно стапче за да се очекува тие наеднаш да се случат.

„Јас денес ги видов просториите, сум бил тука и порано како лекар, тие не заслужуваат така да работат. Ова навистина не личи на ништо, на 21 век. Ние навистина ќе направиме напори што побрзо новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри услови“, рече Меџити.

Новата клиничка болница поради проблеми со фирмата рече дека нема да биде пуштена во употреба како што беше најавено следниот месец, но најави дека доколку успеат да се договорат, таа ќе биде готова и пред 2026 година, дадена како нов краен рок, пишува „Макфакс“.

За министерот Меџити не е изненадувачки тоа што изминатите три години болницата ја напуштиле околу 100 вработени од кои некои заминале во странство некои се пензионирале оти вели дека тоа е глобален тренд, но призна дека кадарот е проблем.

„Не знам зошто се немало стратегија, не знам зошто е доведено во ваква состојба, да бегаат, да немаме конкретни кадри, конкретни струки. Зошто не е направена стратегија не знам од претходните менаџери, требале тоа да го имаат предвид дека не може една клиничка болница да функционира без кадри. Сега слушам дека има четворица хигиеничари, тоа е незамисливо на таков обем на работа да ги завршат работните задачи. Но тука сме, еве апелирам се што не е во ред да укажувате. Медицински 24/7 стојам на располагање и јас и тимот за да ги унапредиме работите. Јас сум лекар по професија. 23 години работам. Се соочував со истите овие услови, кои се објективни, со кои се соочуваат и моите колеги. Но тоа што можам да ви кажам е дека ние како лекари на Клинички бевме многу задоволни што никогаш не ни праќаат пациенти кои не е потребно да бидат пратени. Тука колегите се многу квалитетни“, рече министерот Меџити.

Клиничката болница во Штип од јануари годинава чека одговор од Министерството за финансии за нови 48 вработувања. Министерот Меџити рече дека тој не е вистинска адреса за одговор на прашања за вработувања оти тоа е министерот за финансии, но најави дека ќе направи се што може за да бидат одобрени барем 20 од бараните 48 вработувања.

Министерот беше денес во посета на болницата оти амбасадорот на Чешка и компанијата „Промедика“ донираа 24 болнички кревети за детското одделение.