Универзитетската изборна комисија попладнево на состаок ги разгледа и ги прифати сите шест пријави на кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои стигнале до вчера кога заврши огласот.
Според доставените пријави, во изборната трка ќе учествуваат, односно кандидати за нов ректор на УКИМ се:
-Билјана Ангелова од Економскиот институт;
-Горан Ајдински од Филозофскиот факултет;
-Ратко Дуев од Филозофскиот факултет;
-Атанас Кочов од Машинскиот факултет;
-Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) и
-Димитар Ташковски од Факулетот за електротехника и информатички технологи (ФЕИТ).
Претседателката на Комисијата, проф. д-р Родна Живковска за МИА изјави дека на денешниот состанок ја утврдиле листата со шест кандидати и дека сите шестмина пријавени доставиле сè што е потребно за да учествуваат во трката за избор на нов ректор на УКИМ, кој фунцијата ќе ја извршува во мандатниот период од 16 септември 2023 година до 15 септември 2026 година.
„Констатиравме дека сите имаат доставено согласност за комуникација (контакт), дека имаат пријава, имаат програма, биографски податоци, библиографски единици, избор за редовен професор и државјанство на Македонија“ – кажа Живковска.
Инаку, до 9 мај, според роковникот, требаше да трае рокот за приговори, но, имајќи предвид дека се прифатени кандидатурите на сите шестмина пријавени, не се очекуваат ниту приговори.
На 10 мај на интернет-страницата на Универзитетот (ukim.edu.mk) треба да бидат објавени пограмите за работа и биографиите на кандидатите.
Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе на 30 мај кога се очекува да биде избран новиот ректор на скопскиот универзитет.
Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор ја извршуваше во два мандата.