Халанд со нов рекорд во Премиерлигата го врати Манчестер Сити на врвот

Ерлинг Халанд стана најдобриот стрелец во една сезона од Премиерлигатата откако синоќа го даде 35. гол оваа сезона и ги помина Алан Ширер и Енди Кол.

Кога Ширер и Кол постигнаа по 34 голови, тогаш Премиерлигата имаше 42 кола, а тоа го прави рекордот на Халанд уште поголем.

Манчестер Сити во второто полувреме го скрши отпорот на Вест Хем кој одолеваше на нападите се до 50. минута кога Аке постигна погодок.

Голот на Халанд се случи во 70. минута, а 15 минути подоцна Фоден ги постави конечните 3-0.

До овој меч, Халанд беше израмнет со нив со 34 погодоци, но од синоќа стана најдобар голгетер во историјата на англиската елита кога е една фудбалска сезона во прашање.

Гери Линекер како англиска легенда реши да му фати сеир на својот колега од „Би-Би-Си“, Алан Ширер, но незаборавниот напаѓач на Блекбурн и Њукасл посочи дека не може да му биде помило што рекордот му го урнал момче токму како Халанд.

– Не можев да посакам рекордот да замине кај подобро момче. Потребни беа само 28 години!!! Тој е најдобриот – порача Ширер кој уште од првиот ден прогнозираше дека Халанд може да ги урне сите рекорди во Англија.