![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/05/Gashi-i-Kasami-kolaz.jpg-750x430.jpg)
Лидерите на Движењето Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши неделава имале средба, која, според извори од двете партии, е првичен обид да се „стопи мразот“ меѓу двете партии во насока на евентуална идна посериозна соработка, објави ТВ 24.
Станува збор за прва средба меѓу двајцата лидери по повеќе од четири години, според она што досега е познато во јавноста.
Според истите извори на кои се повикува телевизијата на средбата не станало збор за суштинска соработка, туку само за првична средба, откако и двете партии неколку пати најавија можност за идна соработка, чија цел би била да се стави крај на владеењето на ДУИ и партијата на Али Ахмети да се пресели во опозиција.
Од ТВ 24 испратиле прашања до двете партии во врска со средбата. Според одговорот што го добиле од Беса, оттаму ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат средбата.
„Движењето Беса е отворено за соработка со сите опозициски политички партии. И комуникацијата и средбите меѓу опозициските партии е нормално да се одвиваат“ – навеле од Беса во одговорот.
Одговор пристигнал и од партијата на Африм Гаши, Алтернатива од каде рекле дека нивниот лидер се среќава со повеќе политички авторитети и дека секако има контакти меѓу Алтернатива и Беса.
„Секако дека има контакти меѓу Алтернатива и Беса, а за тоа дали ќе има соработка и како ќе изгледа тоа, за тоа допрва треба да почекаме. Како партија која се залага за поинаков вид на вредности, на која главна тема и е борбата со корупцијата, но и евроинтеграции, ние би сакале да најдеме партнери со кои би можеле да соработуваме на овие принципи. Сите се сложуваме дека е време и кај Албанците да се случи промена. Време е за нова алтернатива“ – изјавиле од Алтернатива на Гаши.