Денеска во 11 часот во Судскиот совет треба да се одржи седница на која, како што е најавено, ќе се избира нов претседател.
Ова следува откако вчера имаше контроверзно разрешување на Весна Дамева од претседателската функција кога нејзиниот заменик Селим Адеми, во нејзино присуство, по неколку часа тензии и караници го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за разрешување со кревање рака.
Седум члена предводени (Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска) гласаа „за“ разрешување на Дамева, по што заменик-претседателот дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата, па ја закажа денешната за избор на нов претседател.
Дамева реагираше дека ова е анархија и со ова ќе бидат среќни некои лица во политиката, но и потенцира дека станува збор за незаконско разрешување нагласувајќи дека не може да ја разрешат со седум гласа „за“ ако за избор на претседател се потребни осум.
Во слична насока по вчерашното контроверзно разрешување реагираа и адвокати и правници преку објави на социјалните мрежи, како и Коалицијата „Сите за правично судење“ која редовно ги следи седниците на Судскиот совет.
Седум члена ја разрешија Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет – таа обвини за анархија и за исполнување желби на лица од политиката
Интересно е што во Законот за Судски совет и Деловникот за работа нема предвидено процедура за разрешување на претседателот на овој совет. Истото го потенцираше и Коалицијата наведувајќи дека предвидени се само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот, па така според невладината организација Дамева можела да биде разрешена од функција само ако е разрешена како член на Советот за што е потребна соодветна дисциплинска постапка.
За да се изрече дисциплинска мерка или разрешување, пак, како што предвидува Законот, на што укажуваат и од Коалицијата, треба да има формално образложено барање поткрепено со докази и истото да се достави од кој било член на Советот или најмалку 20 судии.
„На ваквото барање, членот против кого се однесува, може да достави одговор во рок од 8 дена од денот на добивање на барањето со доказите, по што во рок од 2 дена претседателот, односно заменик-претседателот на Советот ги доставува материјалите до останатите членови и закажува седница на која ќе се расправа по барањето. По ова, за да може да се донесе одлука за разрешување на член на Советот, за истата мора да гласале најмалку 8 члена со право на глас, при што мора да гласале за разрешувањето и најмалку двајца членови избрани од Собранието на РСМ, а притоа членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето, не учествуваат во гласањето“ – нагласуваат од Коалицијата.