Оливер Дауден е новиот британски вицепремиер кој е назначен од британската Влада, откако денеска Доминик Раб си поднесе оставка од оваа позиција по истрагата по жалбите дека малтретирал државни службеници.
По оставката на Раб, кој покрај вицепремиер беше и министер за правда, британската Влада на оваа позиција сега го постави пратеникот Алекс Чолк.
Чолк претходно беше одговорен за набавки во одбраната во Министерството за одбрана, функција што ја извршуваше откако Риши Сунак стана премиер на Велика Британија во октомври минатата година.
Чолк работел како адвокат 14 години пред да стане пратеник во 2015 година.
На местото на Чолк во Министерството за одбрана е поставен Џејмс Картлиџ кој досега бил помлад министер за финансии.
Доминик Раб поднесе оставка од позициите министер за правда и вицепремиер на британската Влада еден ден откако британскиот премиер Риши Сунак ги доби заклучоците од истрагата.
Сунак започна петмесечна истрага по бројни поплаки за однесувањето на Раб.
Тој ги негираше тврдењата дека се однесувал недолично кон колегите и рече дека „се однесувал професионално во секој момент“.
Во писмото до премиерот Риши Сунак, објавено на Твитер, Раб напишал дека сè уште ја поддржува владата.
Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека со „големо жалење“ ја прифатил оставката на неговиот заменик Доминик Раб.
„Со големо жалење ја прифатив вашата оставка. Но, јасно е дека имаше пропусти во историскиот процес што негативно влијаеше на сите вклучени. Од ова треба да научиме како подобро да се справиме со ваквите прашања во иднина“, изјави Сунак.