Ковачевски од Виена: Целта за членство во ЕУ до 2030 е амбициозна

„Имаме силна политичка волја и искрена желба за напредок во евроинтеграциите. Имаме и јасно поставена цел, членство во големото европско семејство до 2030 година. Многумина велат дека тоа е многу амбициозна цел, јас велам – не е и невозможна. Темелни цели на владините политики се стабилен и постојан економски раст, нови инвестиции, квалитетни работни места, правна, социјална, здравствена, образовна сигурност“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото предавање на реномираната дипломатска акдемија Виенско училиште за меѓународни студии.

Тој додаде дека пратениците мора пред политичките и идеолошките разлики да го стават постигнувањето на заедничките национални и општествени цели.

„Иднината на нашите граѓани е пред сите политички и идеолошки разлики. Во пресрет на членството во ЕУ, Северна Македонија треба да покажe дека сме земја која уште повеќе може да го зголеми демократскиот капацитет.  Продолжувањето на европскиот пат е неповратен процес и тој процес Владата ќе го води инклузивно и транспарентно и очекуваме сите да се на ниво на својата задача“ рече Ковачевски.

Премиерот во своето предавање рече дека без разлика на партиската припадност пратениците се избрани од граѓаните, затоа мора да покажат конструктивност во име на граѓаните, мора да покажат единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество.