„Јагео“ инвестира 205 милиони евра во Македонија

„Форбс“ пишува за одлуката на тајванската компанија „Јагео“ да инвестира 205 милиони евра во С. Македонија. Оттаму наведуваат дека „Јагео“ планира преку С. Македонија да го прошири својот бизнис во Европа.

Оваа инвестиција се очекува да отвори 3.900 нови работни места во погони со седиште во Технолошко индустриските развојни зони во Скопје и во Штип.

Американскиот производител на електонска опрема „Кемет“, кој беше купен од „Јагео“ за 1,8 милијарди долари во 2020 година, веќе управува со две фабрики и центар за истражување и развој во Северна Македонија, посочува „Форбс“.

– Одржувавме долгорочни деловни партнерства со Северна Македонија главно за производство на кондензатори за електрични возила, изјави основачот и претседавач на „Јагео“ Пјер Чен по објавувањето на договорот за инвестирање.

Тој ја пофали стратешката географска положба на земјата, стабилната монетарна политика, поволното даночно опкружување и конкурентните трошоци за работна сила.

– Северна Македонија е идеална локација за Јагео Груп да продолжи да ги шири своите деловни активности во Европа, ја пренесува „Форбс“ изјавата на Чен.

Договорот за инвестицијата вредна 205 милиони евра, која треба да отвори околу 4 000 нови вработувања, во Тајпеј ја потпишаа директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и менаџментот на конзорциумот „Јагео”.