Основното јавно обвинителство Тетово, поведе постапка против едно лице на возраст од 21 година, за кого постои сомнение дека сторил продолжено кривично дело – телесна повреда од член 130 и кривично дело – противправно лишување од слобода согласно член 140 од Кривичниот законик.
„Почнувајќи од декември 2022 година, осомничениот вршел семејно насилство врз 19 годишна жена со која живеел во вонбрачна заедница. Жртвата подолг временски период ја држел заклучена во една соба и секојдневно физички ја малтретирал, нанесувајќи и бројни телесни повреди. Жената искористила прилика кога во еден момент осомничениот ја заборавил отклучена вратата, успеала да побегне и настанот го пријавила во полиција“, наведено е во соопштението од Обвинителството.
На осомничениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.