
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.
„Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот Законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело“ – рече Милошоски.
Кога станува збор за буџетските трошења, според него, Договорот треба да биде јавно достапен за јавноста и таа да биде сигурна дека овој проект е од јавен интерес, а не од интерес на поединци, кои би имале одреден процент или провизија.
Милошоски рече заедно со барањето до премиерот се испратени и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати за да може да го добијат Договорот.
„Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа односно да гласаат за измена на закони кои се однесуваат на Договорот, а Договорот да се држи во тајност“, рече Милошоски.