Лазаров со пет пикери ќе ги напаѓа Луксембург и Турција

Машката ракометна репрезентација на Македонија со 21 ракометар ќе се подготвува за последните два натпревара од квалификациите за Европското првенство во 2024, против Луксембург на гости и со Турција во Скопје.

Селекторот Кире Лазаров направи неколку промени во однос на скратениот список од двомечот со Португалија во март. Главната разлика е враќањето на Филип Талески и Гоце Георгиевски, кои ги пропуштија тие дуели, но тоа беше јасно уште со објавувањето на широкиот список со 35 играчи.

На потесниот список се најдоа дури пет пикери, кои ќе конкурираат за патувањето за Луксембург, пред мечот на 26 април. Давид Савревски се врати како трета опција на десен бек, поради повредата на Мартин Велковски, а и бековите се сведени на девет, од 11 колку што беа на минатиот скратен список.

Македонија се наоѓа на второто место во својата квалификациска група, со четири бода, заработени токму во првите дуели со Турција и со Луксембург.

Ако ја задржима истата позиција на табелата ќе имаме сигурен пласман на ЕП 2024.