(Видео) Неколку повредени и заробени, се урна гаража во Њујорк

Најмалку три лица се повредени, а се стравува дека многу повеќе луѓе би можеле да бидат затрупани откако вчера нешто по 16 часот по локално време се урна гаража на јавен паркинг во Њујорк на улицата Ен во Менхетен.

Претставници на пожарникарската служба на Њујорк изјавија дека неколку луѓе се повредени и предупредија дека повеќе луѓе би можеле да бидат заробени и затрупани во урнатините.

Екипите за итна помош се упатиле на местото на несреќата и се обидуваат да интервенираат од надворешната страна на зградата поради страв од дополнително уривање и можна нестабилност на конструкцијата, јавува CBS New York.

Видео снимката од местото на настанот покажува повеќе автомобили наредени еден врз друг, покриени со големи количества кршен бетон.

Во соопштението на Њујоршката противпожарна служба се наведува дека првиот од четирите ката на гаражата се урнал, а властите на Њујорк ги повикале своите сограѓани да ја избегнуваат областа во близина на улиците Ен и Насау.