![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/04/11420380-1-750x430.jpg)
Милан по долго време успеа да обезбеди место во полуфиналето во Лигата на шампионите, откако вчера со „реми“ во Неапол успеа да се пласира меѓу најдобрите четири тима во Европа.
Интересен беше мечот во Неапол, имаше од се по нешто, за жал само по еден гол на двете страни. Два пенали и двата нереализирани по еден на двете страни, но на крајот Жиру донесе предност за Милан, која беше актуелна до крајот на мечот кога Наполи успеа да израмни.
Носени од преполниот стадион „Диего Армандо Марадона“, Наполи одлично тргна во првите 15-20 минути. Имаше шанси, но не го најде патот до мрежата на Мањан. Трибините се стишија во 22. минута кога беше досуден пенал за Милан, меѓутоа Мерет ги остави во живот своите соиграчи со одлична одбрана на ударот од 11 метри на Жиру.
До крајот на полувремето Милан воспостави рамнотежа, а потоа магија на Леао. Претрча 60-70 метри до шеснаесетникот, и додаде до Жиру кој овојпат не погреши и спроведе во мрежата на Милан.
Наполи долго време го бараше израмнувањето, но одбраната на Милан беше на место, и пред се Мањан кој имаше одлични интервенции. Дефинитивно Мањан ги згасна надежите на Наполи со одбранетиот пенал на Кварацхелија во 82. минута. На крајот Осимен успеа да постигне гол и да израмни, но беше доцна да се врати и да даде уште еден гол со кој ќе избореше продолженија. Елиф Елмас влезе од клупата за резерви во 63. минута.
Реал Мадрид едноставно е неприкосновен во Лигата на шампионите. Вечерва со триумф над Челси во Лондон, „кралевите“ само го заверија пласманот во полуфиналето.
Четата на Карло Анчелоти најпрво одолеа на нападите на Челси во првиот дел и се одбрани по шансите на Канте и на Кукурелја, за во вториот дел да не му даде никаква шанса на англискиот тим да се надева дека може да ја расипе работата.
Родриго со погодената статива во првиот дел како да најави што ќе се случува, а во вториот дел со два гола успеа да донесе триумф на мадриѓаните. Родриго првиот гол го постигна во 58. минута на асистенција на Винициус Жуниор, а судбината на Челси и дефинитивно ја запечати во 80. минута кога погоди по асистенција на Валверде.
Реал во полуфиналето го чека подобриот од дуелот Баерн Минхен – Манчестер Сити (англискиот тим има предност од 3-0 по првиот меч), а денес Интер со предност од 2-0 ќе ја дочека Бенфика, и ако помине, ќе игра против Милан во полуфиналето.