Тасева: Договорите на „Бехтел и Енка“ завршуваат со 40 проценти повеќе од договорената сума

Прашање е што ставаме во залог за ова, значи што преговарале и што договориле покрај тој автопат, рече Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ во вечерашното издание на „Топ тема“ на ТВ Телма, во врска со предложените измени на девет законски решенија што се поврзани со автопатите од коридорите 8 и 10Д, чија изградба е доверена на американско-турскиот конзорциум „Бехтел&Енка“.

„Кога читав, подготвувајќи се емисијава, најдов многу податоци за тоа дека „Бехтел&Енка“, како компанија, важи за една од најнетранспарентните во светски рамки. Работат насекаде низ светот, на големи комерцијални договори, меѓутоа важат за една од најнетранспарентните компании кјои апсолутно инсистираат на тајност на нивните договори. И уште еден податок кој вели дека секогаш нивните проекти завршуваат со 40 проценти повеќе од договорената сума“, истакна Тасева.

Според неа, таквите податоци треба да нè алармираат.

„Имаме примери со работењето на таа компанија и тука непосредно, и во Хрватска и во Косово и во Романија, каде што имало проблеми со транспарентноста, каде што имало проблеми со цената, каде што имало проблеми со договорот. И секаде останало тоа до крај да остане нетранспарентно, до крај контроверзно и до крај скапо за државите да плаќаат многу повеќе од тоа што е договорено“, потенцира Тасева.

Таа нагласува дека Македонија, како држава, има потреба од стратешка поддршка од САД и затоа рече „ние треба да знаеме во што е суштината на еден ваков договор“.