Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција во одговор на новинарско прашање за плаќањето на пенали кон компанијата „Бехтел и Енка“, категорично истакна дека нема никави пенали и дека ваков тип договор се прави за првпат во државата.
Како лош пример тој го посочи автопатот Кичево – Охрид, што започна да се гради во 2013 година и дека 10 години подоцна стигнато е до 76 -77 проценти финализација.
-Зошто?! Проектот бил работен според методологија во која што се договарало еден проектира друг прави и на крајот погрешена траса, погрешен проект… Трасата поминуваше над резервоарот за вода во Кичево. Тоа може да ви го покаже министерот за транспорт и врски, да отидете кај него и да ви покаже како било проектирано во 2013 година. Четири години им требаше за да ја поправат трасата, да се испроектира повторно и да се исправи трасата, косините да се испроектираат, свлечиштата да се испроектираат итн. за да може да продолжи проектот, рече Ковачевски.
Тој посочи дека сега истата компанија ќе проектира и ќе изведува паралелно на сите делници и дека така се правени сите автопатишта во регионот, преку Косово, Албанија, Хрватска, во Србија, во Албанија што ги возиме, за кои велиме дека се најдобри на Балканот и дека истите се правени од оваа компанија и се правени врз основа на овој начин на работа.
-Доколку пратениците, само за овој проект, за ваков тип стратешки проекти од национално значење, се согласат да има 60 часа работна недела, што значи дека ќе останат повеќе пари во државата, секој работник што ќе се согласи да работи доброволно, никој нема да биде обврзан да работи 60 часа, ќе добие според колективен договор платено прекувремено и плус 50% за работа во недела, проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку.
Доколку остане 40 часа работно време, тоа значи дека проектот ќе трае подолго и ќе биде платено повеќе работна сила, бидејќи Бехтел и Енка ќе донесат работници од странство, бидејќи Бехтел и Енка се имаат обврзано со договор да го направат тој автопат и тие нема да ја нарушат својата репутација и да не изградат пат што е договорен на 400 страници, рече Ковачевски.