Костадиновска Стојчевска: Ќе ја исполниме обврската да изнајдеме трајно просторно решение за Оркестарот за џез

По вчерашната одлука на Владата за времено сместување на новоформираната НУ Оркестар за џез музика во просториите на НУ Национална Филхармонија, закажав состанок со вработените во Филхармонија за да продолжиме со разговорот за изнаоѓање заедничко решение, напиша министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на Фејсбук.

Јас отидов на најавениот состанок во Филхармонија, но како што ми беше пренесено, од Синдикатот немале желба да разговараат со мене.

Останувам на зборот дека ќе ја исполниме обврската да изнајдеме трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани.

Како министерка за култура, но пред сè како човек, не можам да дозволам, а уште помалку да го разберам ова ниво на некултура, особено не на дел од уметниците, кои до пред некоја година беа добредојдени во неколку институции од културата додека да го добијат заслужениот дом.