Радев: Десетпати го канев Пендаровски во Софија

Бугарскиот претседател Румен Радев му возврати на претседателот Стево Пендаровски за неговата изјава дека со колегата од Софија две години немале конструктивен разговор и повторно порача дека земјава требало да се демократизира.

– Во последните години најмалку десет пати го канев претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија. Единствената посета беше на 1 октомври при отворањето на интерконекторот. Дури и тогаш разговарав со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да може Република Северна Македонија да добие финансиска помош од ЕУ за набавка на струја – изјави Радев.

Тој кажа дека ја разбирал болката на Пендаровски откако самиот Радев пред две години пред европските институции го поставил прашањето за правата на македонските Бугари и му порача на македонскиот прседател да се сврти кон демократизација на Македонија.

– Јас бев тој кој успеа да ги убеди сите европски лидери и институции, влезот на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија да стане задолжителен услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Се надевам дека претседателот Пендаровски ќе сфати дека тоа ќе ѝ помогне на неговата земја да раскине со идеологиите на тоталитарното минато и да тргне кон демократизација на државата – изјави Радев.