Ковачевски: Се залагаме и работиме за унапредување на ромската заедница

Премиерот Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на 8ми април Меѓународниот ден на Ромите, денеска во Владата се обрати на настан на тема: „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“.

„Мојата лична заложба како човек пред се, и како премиер е да изградиме општество еднакво и кохезивно во чии темели се довербата и меѓусебната соработка. Општество во кое граѓаните и заедниците се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен и професионален развој. Затоа се залагам во партенерска и искрена соработка со сите општетствени чинители, државни, невладини, граѓански организации, здруженија да ја унапредуваме положбата на ромската заедница во нашата држава.

Како резултат на Берлинскиот процес, во јули 2019 година, на Самитот во Познан, нашата држава заедно со земјите од регионот се обврзаа да ја подобрат состојбата на Ромите и да постигнат конкретни резултати во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата низ патот за пристапување во Европската унија“ рече Ковачевски.

Премиерот напомена „за подобра интеграција на Ромите во нашата земја, како клучно ќе го издвојам задржувањето на најмладите во образовниот систем, за што лично ќе се залагам. Ако успееме во тоа, тогаш ќе решиме многубројни проблеми со кои се соочува ромската заедница. Мораме да ја задржиме позицијата во регионот, каде се издвојуваме како земја позитивен пример по бројот на студенти Роми кои што се активни во државата и во светот. Република Северна Македонија како идна членка на ЕУ, има обврска да подготува законски решенија по стандарди на Европската Унија и нивно хармонизирање со меѓународни норми и стандарди“.

„Почитувани наши сограѓани Роми бидете горди на потенцијалите што ги имате. Јас како премиер и Владата ќе продолжиме со позитивните практики како би ги зголемиле инвестиците во обаразованието, вработувањето, домувањето. Ќе се залагаме за квалитетен процес и развој на ромската заедница и целото општество. Јас во изминатиот период лично докажав дека секогаш ја ценам професионалноста. Ние имаме Роми кои извршуваат значајни функции, на позиции државен секретар, советници во мојот Кабинет. Еден од нашите најдобри и најперспективни дипломати кои ги имаме во Брисел е токму една исклучително квалитетна вработена во МНР а која што е Ромка по својата националност. Пратеничката Љатифе Шикоска, нејзините колеги навистина секој ден заедно со мене правиме се што е во наша моќ да унапредиме било кој сегмент во живеењето на ромската заедница“ рече тој.