Во последното деноноќие во земјава се регистрирани нови 2.341 случај на коронавирусот што е безмалку 40 отсто од вкупно тестираните 6.193 лица.
Во моментов во земјава активни се 20.856 случаи, најмногу во Скопје – 11.390, потоа во Битола – 1.613 и Прилеп – 754.
Најмал број активни случаи се забележани во Дебар – 22 и Дојран – 14.
Од Министерството за здравство информираа дека на инфективните одделенија и во ковид – центрите во државава се хоспитализирани вкупно 576 пациенти, а има 183 слободни кревети.
Комисијата за заразни болести предложи скратување на периодот на изолација по позитивен ПЦР-тест од десет на седум дена. Оваа препорака е донесена поради полесната клиничка слика предизвикана од омикрон сојот.
Од почетокот на вакцинацијата против коронавирусот во Македонија, вкупно се вакцинирани 864.759 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19 во државата и странство.