„Велика Британија нема да се двоуми да ги заостри санкциите кон Москва, а доколку Русија ја нападне Украина, ќе се обиде и да придонесе за распоредувањето на силите на НАТО“. Ова денеска го изјави британскиот премиер Борис Џонсон и ги повика европските сојузници да бидат подготвени да воведат пакет остри санкции кон Русија доколку оваа земја ја нападне Украина.
„Апсолутно е важно западните земји сега да бидат обединети, бидејќи нашето единство ќе биде многу поефикасно за одвраќање на каква било руска агресија“ рече Џонсон пред пратениците во британскиот Парламент.
Тој потенцираше дека „Обединетото Кралство нема да се двоуми да ги заостри националните санкции кон Русија како одговор на сè што може да направи претседателот Владимир Путин“.
Џонсон повтори дека „инвазијата на Украина би била контрапродуктивна“.