Милошоски: Османи пред Комисијата за надворешна политика да достави одговори

„Бараме од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ни ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“. Ова денеска го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика – Антонијо Милошоски.

Тој предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници. Минатиот декември, минатата година му доставивме барање да се обрати пред Комисијата за надворешна политика, но за жал го игнорираше и не се појави, а е негова законска обврска. Затоа сметам дека со порака преку јавноста, освен вака со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност, да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола“ рече Милошоски.