Динамо ја повлече 5-ката на Адеми

Загрепски Динамо го повлече дресот со број 5, кој до неодамна го носеше капитенот Аријан Адеми, а ваквата одлука ќе важи сѐ додека овој фудбалер активно се занимава со овој спорт.

Македонскиот репрезентативец Адеми за популарните сини настапуваше 13 години, а на почетокот на месецов и официјално го напушти клубот и замина во Кина. По неговото заминување, Динамо сака на овој начин да му се оддолжи за с што има направено за клубот, иако се свесни дека во фудбалот е многу неблагодарно да се повлече бројка од употреба.

„Гледајќи ја историјата на Динамо и сите легенди што играа за нашиот клуб и оставија голема трага, ГНК Динамо реши да не се повлече ниту еден број од почит кон сите великани кои играа за нашиот клуб“, се вели во почеток на клупското соопштение, па продолжува и објаснува:

„Сепак, клубот истовремено донесе одлука дека бројот 5 ќе биде повлечен од употреба во сината соблекувална додека Аријан Адеми не одлучи да престане активно да игра фудбал, односно додека не ја заврши играчката кариера. До тој момент бројот 5 во Динамо ќе биде исклучиво резервиран само за него“.

Адеми од 2010 година досега за Динамо одигра вкупно 359 натпревари, постигна 41 гол и направи 30 асистенции.