Од следната недела секој ќе може да провери дали има направено сообраќаен прекршок

Граѓаните од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е сторен прекршокот и да извршат увид во доказите.

Граѓаните од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е сторен прекршокот и да извршат увид во доказите.

Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, па рече дека апликацијата веќе е функционална за странските државјани, а од наредната недела ќе биде достапна и за македонските граѓани.

– Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите – истакна Тошковски.

Според него, новата дигитална алатка ќе овозможи полесна комуникација со институциите и поедноставно постапување во случај на изречени санкции.

Министерот информираше и дека продолжува имплементацијата на проектот „Безбеден град“ во останатите сектори за внатрешни работи низ државата.

Следен за воведување на системот е СВР Струмица, каде што, како што најави, проектот треба да биде ставен во функција во првата половина на декември.