Драги Рашковски седнува на обвинителна клупа за случајот „Софтвери”

Екс-генералниот секретар на Владата – Драги Рашковски заедно со уште 6 лица се осомничени за нелегалната набавка на софтвер, па денеска седнуваат на обвинителна клупа. Судскиот процес ќе го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска.

Во обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Уште шестмина се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Рашковски, според обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

„Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Првообвинетиот, јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка, комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари“ стои во обвинителниот акт.