
Милевски и Ристовски: Имаме квалитет да триумфираме против Малта
Фудбалската репрезентација на Малта утревечер од 20.45 часот е првиот противник на македонската фудбалска репрезентација, која го отвора новиот циклус квалификации за ЕВРО 2024.
Капитенот Стефан Ристовски се оптимист и се надева на триумф.
„Нема да кријам, посакуваме победа над Малта. Нема да биде лесно, групата е тешка, ги имаме Англија, Италија и Украина, па Малта е ривал по мерка за да го отвориме циклусот како што посакуваме. Сега сме конечно речиси комплетни, очекувам да изгледаме добро и на теренот. Би било навистина добро да отвориме со победа”, изјави Ристовски.
Селекторот Благоја Милевски е попретпазлив, вели дека Малта сепак не е така наивен противник.
„Ги анализиравме, имаат неколку квалитетни фудбалери, а сега и нов селектор. Ние сме фокусирани на нашиот настап, верувам дека момците ќе одиграат како што ќе се договориме и дека ќе имаме успешен прв настап против Малта. Македонија играше бараж за Светско првенство, играше на Европско првенство, но сето тоа е историја, сега ќе мораме повторно да докажеме дека имаме квалитет и да одиграме добро за да славиме против Малта”, изјави Милевски.