Ковачевски: Од 13 март замрзнати цени на тестенини, од 17 март и на млечни производи

На денешната прес конференција премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека од 13 март се замрзнуваат цените на шпагетите и макароните. Одлуката ќе трае до 31 мај. Исто така од 17 март се замрзнуваат и цените на млечните производи.

-Исто така се укинуваат царинските давачки увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Исто така се замрзнуваат цените на млечните производи како трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 %. Потоа урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци. Оваа одлука ќе се применува од 17 март до 31 мај оваа година. Владата ќе продолжи да носи одлуки кои го штитат интересот и стандардот на граѓаните, порача Ковачевски.

На крајот на февруари, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажаа дека дел од компаниите не ги намалиле цените соодветно иако користеле субвенционирана електрична енергија.