Од утре замрзнуват цените на тестенините и на дел од млечните производи

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека замрзнува цената на тестенините, а најверојатно на листата ќе се најдат и млечните производи, како млекото, урдата и белото сирење. Бектеши до утре наутро ќе почека да види колку самите производители и увозници ќе ги намалат цените.

„Во комуникација сме (со производителите на млечни производи), ги известив дека до утре ќе чекаме нивни одлуки. Во случај ако се примети дека нема намалување ќе донесеме ние како Влада мерка. За тестенините, и со нив сме во комуникација, сами покажаа интерес и таму намалувањето ќе биде многу големо што ќе бидеме поконкурентни во регионот“ изјави Бектеши.

Белиот и полубел леб беа први на листата со замрзнати цени, и од минатата недела се продаваат по цена од 33 денари. Производителите револтирани два дена не испорачуваа леб по маркетите, а најавија и тужба за загубите кои ги претрпеле.