Република Северна Македонија доби 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија. Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска на прес-конференција истакна дека овие средства се користат за буџетска поддршка во државата. На прес-конференцијата вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министрите-за финансии Фатмир Бесими, економија Крешник Бектеши и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика во својот домен ги изнесоа деталите за антикризните мерки и ефектите од истите. Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи дека оваа финансиска поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата во соработка со сите институциите, со министерствата, со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок, овозможи стабилно снабдување со електрична енергија, го зголеми производство од домашните капацитети, осигура стабилност на цената на струјата, а тоа пак влијаеше директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата. Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
„Намалувањето на цената на струјата за 20% за 70.000 фирми кои се на регулиран пазар и задржување на цената за домаќинства на исто ниво, за оние кои рационално ја трошат електричната енергија, е само потврда на правилните политики кои ги водиме во време на енергетска криза, и тоа е вистинска грижа за најранливите категории. Сите мерки кои се преземаат од страна на Владата се со цел да се има сигурно и стабилно греење. Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Планот дава резултат. Наш приоритет е и енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб“, рече премиерот и додаде дека Владата донесе пакет антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра кој, според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата споредено со сите други земји од нашиот регион.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакна дека во фокус на поддршката од ЕУ за Северна Македонија е да се заштитат граѓаните.
„Минатиот октомври, претседателката на Европската Комисија фон дер Лајен вети овде во Скопје дека ЕУ ќе и обезбеди на Северна Македонија 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сега го испорачавме тоа. Во пракса, оваа поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза. Ова значи да им се помогне на сите домаќинства да ги задоволат нивните основни енергетски потреби. Особено оние најранливите. Тоа значи одржување и работа на училиштата и болниците. И тоа значи да им се помогне на малите бизниси да обезбедат производство на основни прехранбени продукти“, изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.