Загина возач на „голф“, удрил во столб на патарината Романовце

Возач на автомобил го загуби животот откако удрил во столб на наплатната рампа Романовце на автопатот Куманово-Скопје . Сообраќајната несреќа се случила утринава околу 3.30 часот.

Во СВР Куманово било пријавено дека на наплатна станица „Романовце“ на автопат Скопје – Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки удрило во столб на наплатната станица, при што настанал пожар на возилото.

„Притоа на местото починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово и од вработени во наплатната станица. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, а увид на местото извршила екипа од СВР Куманово“, соопшти Полицијата.

И од Територијалната противпожарна единица информираат дека ноќеска имале техничка интервенција на вадење лице од автомобил на тешка сообраќајна несрека во период од 03.35 до 04.15 часот.

„Несреќата се случила кога патнички автомобил марка „голф“ со голема брзина удрил во бетонска ограда на патарината Романовце на патниот правец Куманово – Скопје. Возачот на автомобилот се здобил со тешки повреди и починал на лице место“, стои во информацијата.