Со Меси, Нејмар, Мбапе и Рамос во тимот, не успеа да го однесе ПСЖ меѓу топ 8 во ЛШ

По вчерашната елиминација на ПСЖ од Баерн Минхен во Лигата на шампионите на големо се зборува дека Кристоф Галтие веќе ги пакува куферите и веројатно само ќе ја доврши сезоната, а потоа во Париз ќе стигне нов стратег.

Галтие за нецела сезона помината на клупата на „светците“ од Париз успеа да стане најлошиот тренер на овој клуб во последните 18 години.

Тренерот на ПСЖ ја коментираше играта и елиминацијата.

„Не знаевме како да ги искористиме нашите шанси. Игравме многу добро во првата третина, но не ги материјализиравме истуациите. Во вториот дел примивме глупав гол. На ова ниво треба да се има повеќе вештина. Не знам дали е тоа лекција која треба да се научи, но фрустрирани сме и разочарани. Имавме доста важни отсуства. Моравме да менуваме и дефанзивци во првиот дел, што дополнително не направи ослабени. Навистина сме разочарани. Имавме големи надежи пред реваншот. За мојата иднина е рано да се зборува. Останувам фокусиран до крајот на сезоната. Оваа елиминација мораме брзо да ја пребродиме и да продолжиме понатаму“, рече Галтие.

Во својата прва сезона тој не успеа да дојде ниту до четвртфиналето во Лигата на шампионите, а ниту до четвртфиналето во Купот на Франција каде што исто така беше елиминиран.

Вакво нешто му се случи на Лорен Фурние во сезоната 2004/2005, но треба да се знае дека амбициите на ПСЖ тогаш не беа како денешните.

Шеиците од доаѓањето во Париз потрошија над 1 милијарда евра за да ја освојат ЛШ, но се уште чекаат на големиот трофеј.