Масовни протести и судири во Грција

Вчера до доцна вечерта во Грција продолжија протестите по повод најсмртоносната железничка несреќа во земјата. Во несреќата загинаа 57 лица, а многу други беа повредени.

Десетици илјади се приклучија на протестните маршеви низ Грција, а работниците од различни сектори најавија еднодневен национален штрајк. Група демонстранти пред парламентот во Атина фрлаа камења и молотови коктели врз полицијата, која употреби солзавец за да ги растера.

Судири меѓу демонстрантите и органите на редот имаше и во Солун. Над 15.000 луѓе се собраа на протест во вториот по големина град во Грција. Голем дел од патниците во кобниот воз кој се судри со товарен воз се студенти кои патувале од Атина за Солун. Синдикатите повикаа на нов масовен протест на плоштадот Синтагма во Атина во недела.

„Ќе бидеме тука додека не се сменат работите и додека не видиме подобра иднина за нас и нашите деца. Затоа што ние сме младите на оваа земја и нема да застанеме!“, нагласен е Вангелис Сомаракис.

„Ние сме лути затоа што владата не направи ништо за сите овие млади луѓе. Јавниот превоз е целосен хаос. И да, сега сите овие луѓе се тука да го изразат својот гнев… нешто мора да се направи!“, нагласи и Никомати Вати.

Полицијата употреби солзавец во јужниот град Патра, каде што општински бенд претходно свиреше музика од погребниот марш додека ги водеше демонстрациите.

Во централниот грчки град Лариса, во близина на местото на железничката несреќа, демонстрантите држеа црни балони и извикуваа „Нема добивка над нашите животи!“.

Железничката несреќа се случи на 28 февруари на северот на Грција во близина на градот Лариса при што патнички воз со 350 патници се судрил со товарен воз кој сообраќал по истата пруга во спротивен правец. По судирот избувнал пожар. Во несреќата загинаа 57 луѓе, главно млади лица во своите дваесетти години.

Шефот на железничката станица во Лариса беше обвинет за убиство од небрежност и за други кривични дела поради тоа што ги насочил двата воза на иста пруга, но во различна насока.