Според 53% од Грците, земјата оди во погрешна насока

Вкупно 53% од Грците сметаат дека земјата оди во погрешна насока, а само 39 проценти велат дека таа се движи во правилната насока.

Главен проблем им е пандемијата на Ковид 19, а веднаш потоа следуваат економијата и поскапувањето. Ова го покажале резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“.

Шест од десет анкетирани рекле дека најлошото во пандемијата веќе поминало, но 30 отсто сметаат дека најлошото допрва следува.

Од вкупниот број анкетирани, дури 82 проценти се вакцинирани, а 21 отсто од нив го прележале Ковид-19.

Според анкетата, владејачката Нова демократија и понатаму е прва политичка сила во земјата, па следува СИРИЗА, а на третото место е Движење на промена.

Истражувањето на јавното мислење било спроведено од 12. до 18. јануари 2022 година со анкетирани 1.306 граѓани.