„Во услови кога имаме здравствена, енергетска и економска криза, е целосно неполезно да се бараат избори“. Ова меѓудругото го изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 тв, во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.
„Немате ново што да понудите, туку само повторувате секој ден дека треба избори. Јас понудив соработка, ги повикувам опозицијата, академијата, стопанските комори, синдикатите… Заедно да сработиме во услови на криза за да имаме помали последици во стопанството, вратата е отворена за сите кои сакаат да помогнат. Но, барањата на ВМРО ДПМНЕ за избори не се основани“ – изјави Ковачевски.
Тој нагласи дека нема да прифати уцени за тоа што би се разговарало на евентуална средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ќе контактирам со Мицкоски, ќе му се јавам, јас кажав под уцени нема да разговараме. Но, јас како премиер морам да разговарам со сите, но сега фокусот е на енергетската криза и на сето она што ни се случува во државата. И тоа се надевам ќе го прифати како аргумент и ќе разговараме“ – рече Ковачевски.
Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека е „пион на Заев“, Ковачевски вели:
„Јас предложив нов Извршен одбор, нови потпретседатели и секретари во партијата, односно различни од оние што беа претходно. Исто беше и при изборот на Владата, каде се водев по принципот да се изберат лица со квалитети и знаења за извршување на функциите. Предлозите ги дадов јас, а ги одобри раководството на партијата“.